Еуролинк осигурување - ДЕЛ од Групацијата ГРАВЕ

На 31.03.2020 година беше извршена промена во сопственоста на Еуролинк осигурување АД Скопје со што нов сопственик на Друштвото стана Grazer Wechselseitige Versicherung AG (групација ГРАВЕ) со седиште во Грац, Австрија. Со оваа промена се приклучивме кон една од најзначајните меѓународни осигурителни институции во регионот на Централна и Југоисточна Европа, која со својата експертиза, искуство, стабилност и посветеност ќе ја зајакне уште повеќе нашата позиција на домашниот осигурителен пазар. 

Во насока на јасно претставување на овој напредок во јавноста, започнуваме со надградување на визуелниот идентитет кој сега покрај силниот и препознатлив бренд Еуролинк осигурување добива и јасна припадноста на големо семејство на групацијата ГРАВЕ. Во периодот кој следи новиот визуелен идентитет постепено ќе се применува и на сите печатени материјали, канали за дистрибуција и продажни места на Еуролинк осигурување.

Еуролинк осигурување ќе продолжи да функционира како посебна компанија на пазарот на неживотно осигурување. Отсега како дел од едно ново големо семејство со долгогодишна осигурителна традиција, остануваме да бидеме значаен чинител во осигурителниот сектор, стабилен партнер на граѓаните и бизнисите и компанија целосно посветена на своите вработени, клиентите и заедницата од која е дел.

За сите детали околу промената на сопственоста на компанијата, идни планови и цели, може да прочитате во продолжение во листата на прашања и одговори кои ги изготвивме за Вас.

„Групацијата ГРАВЕ континуирано демонстрира храброст за промена и развој, и тоа го остваруваме и преку раст на сопствените компании, но и преку интеграција на други компании во нашата групација, со што прераснавме во концерн која вработува повеќе од 4600 лица, во 13 земји во Централна и Источна Европа. Преземањето на Еуролинк осигурување, еден од пазарните лидери во делот за неживотно осигурување во земјата, е уште еден смел чекор со кој групацијата ГРАВЕ се зајакнува и расте во правец на исполнување на нашата стратешка ориентација. Кај Еуролинк осигурување видовме стабилен партнер, со кој споделуваме заеднички вредности и мисија за подобрување на квалитетот на живеење преку нудење одлични осигурителни продукти, веруваме дека заеднички ќе продолжиме да го обликуваме македонскиот осигурителниот пазар“

„Вложивме многу труд и посветеност за да изградиме стабилна и силна осигурителна компанија која ќе понуди нов квалитет на пазарот за неживотно осигурување. Најпрво самиот интерес од групацијата ГРАВЕ, а потоа и финализирањето на процесот на купување на компанијата е доказ дека успеавме во таа наша мисија. Еуролинк осигурување е препознатлив и силен бренд. Компанијата има многу вложувано во општеството, во развој на продукти и во градење на долгорочни релации со клиентите. Од овие причини остануваме да функционираме како посебен ентитет заради што останува и логото на Еуролинк осигурување, но истото го зајакнуваме со назнака дека отсега сме дел од семејството на ГРАВЕ. Зад Еуролинк осигурување отсега стои моќна осигурителна групација и со тоа планот е да бидеме уште посилни за доброто на сите наши осигуреници“

Поставувани прашања и одговори

1. Дали е Еуролинк во целосна или делумна сопственост на групацијата ГРАВЕ?

Заклучно со 31.03.2020 Еуролинк осигурување АД Скопје премина во целосна сопственост на групацијата ГРАВЕ, со преземање на 100 отсто од акциите на компанијата.

2. Дали ќе се менува називот и логото на Еуролинк осигурување?

Логото на Еуролинк осигурување ќе биде зајакнато со исписот „Member of GRAWE Group“, односно „Членка на групацијата ГРАВЕ“, кој е поставен под исписот Еуролинк. Со ова јасно се истакнува новиот сопственик на Еуролинк осигурување, но се задржува логото. Еуролинк осигурување се одликува со многу висока препознатливост како пазарен лидер во земјата, и е бренд со одлична репутација. Во брендот е вложувано многу преку активности во заедницата, преку инвестирање во нови технологии и преку развивање на оригинални продукти кои се знак на распознавање на пазарот за неживотно осигурување. Од овие причини, логото на Еуролинк осигурување е задржано и зајакнато со присуството на групацијата ГРАВЕ.

3. Дали има некакви промени за осигурениците на Еуролинк осигурување?

Промената во сопственичката структура на Еуролинк осигурување нема никакви импликации врз клиентите, ниту пак врз тековните или идните полиси. Продолжуваат да важат условите за сите класи на осигурување за кои Еуролинк нуди полиси. Во текот на следниот период од неколку месеци, сите печатени материјали, вклучително и полиси, постепено ќе бидат брендирани со ново лого, согласно усвоените измени, што нема да има влијание врз важноста на претходно дистрибуираните материјали и полиси.

4. Кои се придобивките за осигурениците?

Осигурениците на Еуролинк осигурување добиваат уште посилен и постабилен партнер за својата сигурност. Да се биде дел од групација која има повеќе од 190 години искуство во осигурителната дејност, значи да се добие поддршка во сите процеси од важност за нашите клиенти. Можеме да очекуваме унапредување на процесите и заеднички да бидеме уште подобри и уште посилни.

5. Кои се идните планови на Еуролинк осигурување, како членка на групацијата ГРАВЕ?

Еуролинк осигурување ќе продолжи со реалзирање на својата мисија во општеството, насочена кон подобрување на квалитетот на живот преку обезбедување финансиска сигурност за индивидуланите и деловните клиенти. Нови продукти, унапредување на процесот на обработка и исплатата на штети и подобрени понуди се во фокусто на периодот кој следи.

6. Каква е поврзаноста меѓу ГРАВЕ Осигурување АД Скопје и Еуролинк осигурување АД Скопје?

Еуролинк осигурување АД Скопје и Граве осигурување АД Скопје стануваат сестрински компании, дел од иста групација. Сепак, двете компании продолжуваат да работат како посебни правни лица.

7. Која е групацијата ГРАВЕ?

„Безбедно осигурување за сите“ беше мотото на надвојводата Johan при основањето на Grazer Wechselseitige во 1828 година. Од почетното осигурување за ризик од пожар, се развива меѓународен осигурителен концерн. Осигурување, финансиски услуги и недвижности се полињата на кои работи GRAWE групацијата. Тринаесет централноевропски осигурителни друштва се доказ за меѓународна ориентираност. Стабилноста и високото место на пазарот за осигурување резултира во успех кој трае веќе 190 години. Групацијата ГРАВЕ се вбројува во најголемите австриски осигурителни компании со годишен прилив на премија која надминува 950 милиони евра и број на договори за осигурување кој изнесува околу 4,6 милиони евра во целата групација. Љубезноста, советите и прилагодливоста на производите на Grazer Wechselseitige Versicherung AG се гаранција за меѓународен квалитет кој е усогласен со локалните закони за осигурување.

8. Дали има други осигурителни компании кои на сличен начин се дел од групацијата ГРАВЕ?

Да, во регионот групацијата ГРАВЕ има преземано и други силни осигурителни компании, кои од локален препознатлив бренд станале дел од големото семејство на ГРАВЕ. Дел од тие компании низ текот на времето се целосно ребрендирани, а дел од нив го имаат зајакнато својот бренд на ист начин како што тоа го стори Еуролинк осигурување.

ОСНОВА НА УСПЕХОТ НА ГРУПАЦИЈАТА ГРАВЕ

© 2024 | Еуролинк Осигурување