Еуролинк осигурување во рамките на платформата за корпоративна општествена одговорност „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности“ петта година по ред распишува конкурс за доделување 35 Еуролинк стипендии за студентите на Правниот факултет ,, Јустинијан Први’’ – Скопје од кои 25 стипендии за студенти на додипломски студии (прв циклус) во поединечна вредност од 40.000 денари и 10 стипендии за студенти на последипломски студии (втор циклус) во поединечна вредност од 60.000 денари.
Право на аплицирање за добивање Еуролинк стипендија имаат сите редовни студенти кои се запишани на прв и на втор циклус на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кои имаат редовен упис во учебната 2017/2018 година и кои исполнуваат услов за упис во учебната 2018/2019 година. За доделување на стипендијата потребно е студентите да ги исполнат следните услови: студентите да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5; да не се корисници на друга стипендија; да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата. При аплицирањето студентите треба да достават: потврда за редовен студент за учебната 2018/2019 година*, пополнет пријавен лист за доделување стипендија, Уверение од положени испити, куса биографија (пожелно да биде во ЕУ формат) и есеј на тема ,,Општествена одговорност на компаниите низ призма на општествените промени„ од најмногу 500 збора.
Пријавен лист за доделување стипендија
Еуролинк ги поканува студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ да ги поднесат своите апликации за „Еуролинк стипендија“од денес, 18.6.2018г. до 1.10.2018 г. Кандидатите треба да ги достават документите во печатена форма до: Проф. д-р Неда Здравева, одбор за доделување на ,,Еуролинк стипендија‘’, Правен факултет ,,Јустинијан Први’’, бул. Гоце Делчев, бр. 9Б, 1000 Скопје, во архивата на факултетот и во електронска форма на е-адресата: eurolinkstipendija@eurolink.com.mk .
Пријавите кои немаат целосна документација и коишто не се доставени навремено и на наведениот начин нема да се разгледуваат и да се оценуваат.
Еуролинк стипендиите се наменети за студентите да ги покријат трошоците за кофинансирање и како поттик за успешно завршување на нивните студии. Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: „Еуролинк – вaшата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.
*Потврда за редовен студент во учебната 2017/2018 година и за упис во 2018/2019 година за студентите од прв циклус студии, односно потврда дека е поднесена пријава за упис на втор циклус студии за студентите кои во учебната 2017/2018 година, завршиле прв циклус и ќе се запишат на втор циклус во учебната 2018/2019 година, кои што се добиваат од службата за студентски прашања, без надоместок за потребите на конкурсот. Студентите кои што се запишуваат на втор циклус во учебната 2018/2019 година по завршување на уписот, треба да достават потврда за редовен студент.