Дигиталната трансформација е неопходна

Иновативноста е движечка сила за Еуролинк осигурување. Компанијата е препознатлива по новитетите кои ги воведува на пазарот на осигурување. Колку е важно за континуираното подобрување на процесите во осигурувањето и за обезбедувањето врвни услуги за клиентите за еден пазар како што е македонскиот?

М. Томеска: Еуролинк осигурување воведува новитети кои континуирано го обликуваат и го развиваат осигурителниот сектор, па иновативноста во таа смисла е суштинска за нашето успешно позиционирање на македонскиот пазар и клучен фактор во нашата мисија за подобрување на осигурителните услуги на пазарот. Преку воведување новитети се стремиме да ги задоволиме тековните потреби на нашите клиенти, но и да ги предвидиме идните барања и очекувања притоа постојано зголемувајќи го нивото на задоволство и на доверба во нашата компанија.

Постојаното подобрување на процесите преку иновации за нас значи и подобрена ефикасност во работењето, што секојдневно го олеснува и го забрзува процесот на работа. На тој начин поставуваме повисоки стандарди за услугата, што е основа за одржливо и за долгорочно партнерство со нашите клиенти.

Новитетите што ги воведуваме од почетокот на нашето работење до денес помагаат целосно да се поедностави и да се олесни процесот на осигурување. Со таквиот пристап се стремиме кон приближување на осигурувањето до сите граѓани и бизниси и на тој начин до континуирано подигање на нивниот стандард на живеење. Преку подигање на стандардот на осигурителните услуги, ја зголемуваме конкурентноста на Еуролинк осигурување, но истовремено придонесуваме за зголемување на довербата во осигурителниот сектор.

Дигитализацијата го менува светот на бизнисот. Што е најново на тој план кај Еуролинк осигурување? Слушаме за постоење на дигитална платформа Еуролинк360.

М. Томеска: Дигиталната трансформација е неопходна за секоја компанија и прашањето не е дали туку колку сеопфатно, брзо и иновативно ќе се приклучите кон овој тренд. За Еуролинк дигитализацијата е инспирација и голема можност да ги подобриме клиентското искуство и искуството на нашите вработени. Тоа е, секако, долгорочна стратегија која опфаќа интегрирање на дигиталната технологија во сите аспекти на бизнисот со што полека, но сигурно го менуваме начинот на кој Еуролинк испорачува вредност за клиентите. За успешна имплементација на стратегијата за дигиталната трансформација, најпрво работиме на градење на соодветна корпоративна култура која ги става во фокусот агилноста и партнерството со технологијата како единствени алатки за задоволување на софистицираните клиентски потреби.

Во оваа насока, онлајн платформата Еуролинк360 е нашето најново решение кое им нуди на индивидуалните корисници целосно дигитализирана услуга за управување со нивното осигурување. Со оваа иновативна платформа овозможуваме транспарентен, безбеден и достапен систем за целосно следење и за управување со осигурителното портфолио и сите осигурителни потреби поврзани со полисите, со плаќањата и со штетите – сè на едно место. Оттука произлезе и името на платформата, односно симболиката на 360 степени, што асоцира на целосно заокружено подобрено искуство во секоја точка од клиентското „патување“ со Еуролинк.

Следејќи ги најновите трендови во дигитализацијата и зголемената желба на нашите клиенти да бидат сопственици на своите податоци во секое време, ова решение е резултат на нашата стратешка определба за континуирано поедноставување на процесите и за приближување на осигурувањето до сите клиенти.

Целата објава на интервјуто е достапно во печатеното издание на Економија и бизнис од 15.11.2024 година, како и на веб страницата на магазинот на линкот: https://www.ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=31977