На 23 мај, во Македонската академија на науките и уметностите беше отворена ретроспективна изложба на реномираниот македонски скулптор Боро Митриќески – Митрич во рамките на одбележување на 70-годишното творештво на нашиот познат скулптор и 50-годишниот јубилеј на МАНУ. Изложбата е организирана од Македонската академија на науките и уметностите, Фондацијата „Трифун Костовски“ и Еуролинк осигурување.. Изложбата е организирана од Македонската академија на науките и уметностите, Фондацијата „Трифун Костовски“ и Еуролинк осигурување.
Боро Митриќески – Митрич е роден на 10 мај 1927 година, во селото Варош – Прилепско. Уметничката школа ја завршил во Скопје, каде што ги добил првите познавања од скулптурата. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1954 година, во класа на скулпторот Вања Радуш. По завршувањето на студиите, работел како ликовен педагог во Скопје, од 1979 до 1984 бил директор на Уметничката галерија во Скопје. На 26 јули 1997 година бил примен за редовен член во Македонската академија на науките и уметностите.
Неговото творештво е оценувано како исклучително квалитетно.Современиот и специфичен приод кон портретот, човечката фигура и торзото се главните елементи во неговото творештво, оставајќи особен белег во современиот скулпторски израз во Република Македонија. Едноставноста е претпознатливиот знак во неговото творештво. Овој наш современ македонски уметник, не раскажува туку создава, врзувајќи ги сите времиња во едно време. Во изминативе 70 години, академик Боро Митриќески има реализирано над 350 дела: фигури, актови, композиции, торза, портрети. Во своето ликовно истражување користел трајни материјали, како што се бронза, мермер и дрво.Академикот Митриќески своето творештво го насочил во две насоки: едната е големата пластика, а втората интимата, односно пластиката на ентериерот, т.н. скулптура од галериски формат. Во портретите „Мојата мајка“, „Блаже Конески“, „Лазар Личеноски“, „Петар Мазев“, многу успешно го доловува карактерот и психолошкиот израз на личноста. Боро Митриќевски – Митрич е добитник на повеќе награди и признанија.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите од 23.5.2017 до 16.6.2017 година.
Со оваа поддршка, Еуролинк уште еднаш се потврдува за активен поддржувач на македонската култура и уметност и дава свој придонес во зачувување на македонските културни вредности и наследства. Овој проект е во рамки на платформата за корпоративно општествена одговорност на Еуролинк, насловена како „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности“. Во рамките на оваа платформа се реализираат десетина проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.