Еуролинк осигурување во рамките на својата платформа за општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“ распишува конкурс за „Еуролинк стипедија“ наменета за студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
И оваа година студентите на додипломски студии (прв циклус) и студентите на постдипломски студии (втор циклус студии) на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со просечен успех од положени испити од најмалку 8.5 ќе имаат можност да аплицираат за 25 целосни стипендии со кои ќе можe да ги покријат трошоците за кофинансирање.
„Продолжуваме да вложуваме во младите и перспективни студенти и да помагаме во развојот на образованието и науката во Република Македонија. Ги креираме инцијативите со чувства за лична одговорност за општествените текови и зачувување на основните хумани принципи што го прават животот подобар за сите. Затоа вложуваме во образованието и во културата.
Сметаме дека реалниот сектор треба активно да се вклучи во градење успешен кадар, а со тоа и креирање сопствен долгорочен раст и развој“, истакна Олга Костовска, претседател на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување.
Процесот на аплицирање за „Еуролинк стипендија“ ќе се одвива во периодот од 15.6.2016 до 15.9.2016 година. Сите заинтересирани треба да достават уверение за положени испити и кратка биографија со фотографија.
Потребните документи за аплицирање кандидатите треба да ги достават во печатена форма до проф. д-р Гоце Наумовски од Одборот за доделување „Еуролинк стипендија” во Архивата на Правен факултет „Јустинијан Први” и во електронска форма на е-адресата: eurolinkstipendija@eurolink.com.mk