Како верни поддржувачи и повеќегодишни спонзори на Скопски Маратон и оваа година трчаме заедно за поддршка на сите оние кои се физички активни за подобро здравје. Нашиот #runderful тим годинава брои 44 членови, а меѓу нив се спортисти, рекреативци, ентузијасти и почетници кои се грижат за своето здравје.
Марина Анчевска е меѓународно сертифициран и акредитиран НЛП Мастер тренер и коуч, а дел од нашите вработени веќе посетуваат Лидерска коучинг програма во Центарот за бизнис психологија, под лично водство на Марина.
Марина ја прифати нашата покана да биде дел од Еуролинк тимот на Скопски Маратон 2021 и со своето учество да даде пример и поддршка за сите кои прават чекор кон подобро здравје.
1. Марина, дали редовно трчаш или оваа трка ќе биде твој прв подвиг?
Спортувањето, без разлика дали се работи за трчање, јога, планинарење, возење велосипед или вежбање во теретана, е составен дел од моето секојдневие почнувајќи од моја 17-годишна возраст. Сепак ќе истакнам дека оваа трка ќе биде прв настан од таков вид во мојот спортски живот, што за мене ќе претставува многу интересен предизвик.
По вокација во спортот сум индивидуалец, најчесто спортувам сама. А сега ќе ми претставува особено задоволство да бидам дел од група – вашата група и заедно да поттикнеме уште поголема свесност за придобивките од физичката активност во животот на секој поединец.
2. Која е твојата рутина за одржување на добро здравје?
Според мене утринските ритуали се најважни. Моите утрински ритуали се:
– чаша сок од цеден лимун,
– 30 минути јога и вежби за дишење,
– 5 до 10 минути медитација,
– смути од комбинација на повеќе видови овошје, зеленчук, семиња и растителни протеини.
По завршувањето на работните обврски практикувам физичка активност на отворен простор, како што е на пример трчање покрај кеј.
3. Што те мотивира за да трчаш, зошто трчаш?
За мене физичката активност во вид на трчање претставува најдобар начин за филтрирање на информации и ослободување од ментален замор бидејќи моите работни ангажмани опфаќаат секојдневна комуникација со многу луѓе преку тренинзи, групни и индивидуални коучинзи.
Покрај тоа трчањето кај мене поттикнува и креативен процес. Кога трчам се ослободувам од менталната бука и на тој начин се отвара простор за нови идеи и решенија за справување со предизвиците коишто ми ги носи секојдневието. Освен тоа, трчањето ми ослободува простор и за креација на нови тренинзи, постови, написи и текстови за важноста на инвестирањето во личниот равој.
4. Како да се подготвиме за ваква трка? Дали некоја од техниките во коучингот може да ни помогне за подобро и полесно да се справиме со овој предизвик?
Една изрека вели:
“Доколку знаеш што сакаш и цврсто веруваш во тоа, единствено што треба да направиш е да го однесеш твоето тело таму!”
Затоа најпрво е добро секој да си даде одговор на прашањето зошто трча и зошто му е важно трчањето во оваа трка?
-Дали трчате бидејќи целта ви е припадност кон тимот?
-Дали трчате бидејќи сакате да ги инспирате вашите пријатели, семејство, околина?
-Дали трчате бидејќи сакате да се надминете себе си и да постигнете повисок личен рекорд?
-Дали трчате бидејќи за вас физичката активност претставува дел од грижата за вашето здравје?
Одговорот на овие прашања ја претставува менталната подготовка, што е основата на понатамошната физичка активност.
Секако дека дел од целокупната подготовка е и свесното дишење, смирување на умот преку кратка медитација и визуализација како и следењето на ритамот на сопственото тело.
Доколку знаете зошто трчате тогаш физичкиот напор ќе биде само еден дел од процесот на достигнување на вредноста што ја носи трчањето.
5.Која е твојата порака до сите кои сè уште не започнале да трчаат или да се активираат за подобро здравје?
Физичкото здравје зависи од менталниот имунитет на секој поединец. Спортувањето бара од нас вложување на напори, инвестирање на време и енергија. За возврат причинува долгорочно задоволство само доколку себеси се убедиме дека вреди да се инвестира во личното здравје.
Марина, ти благодариме за времето и за одличните совети. Се гледаме на трка во недела!