Leadership Insights со м-р Марија Томеска, претседател на УО, за GEA

Кога дефиницијата за лидерство значи да умееш да слушаш, да учиш и да се адаптираш. М-р Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на Еуролинк осигурување, во ова искрено интервју нè води низ нејзината лична и професионална еволуција – од „command and control“ пристап до создавање култура на доверба, психолошка безбедност и скромност. Од одлуки што бараат храброст, до вредноста на флексибилноста, ова е разговор што ја редефинира идејата за успех – не како совршенство, туку како зрелост, свесност и човечка длабочина.

1. Како изгледа еден типичен работен ден за Марија Томеска? Имате ли ритуал за успех?
Марија Томеска: За мене, еден типичен ден всушност започнува уште претходниот. На крајот на секој ден, одвојувам време за self-reflection, еден вид лична анализа и „дигестија” на денот што изминал. Тоа не е само бележење на постигнатото, туку свесна вежба на учење од секојдневните интеракции, донесените одлуки и динамиката во тимот. Потоа правам краток план за следниот ден, поставувам неколку главни цели што би сакала да ги постигнам и секогаш оставам простор за адаптација според реалните приоритети и енергијата на тимот, затоа што верувам дека флексибилноста е подеднакво важна како и дисциплината. Па така, утрото ми е веќе испланирано претходниот ден и го започнувам со преглед на тој план, што е резултат на претходната рефлексија. Оваа подготовка ми овозможува да го започнам денот фокусирано, со јасна слика за приоритетите и целите, ми помага да бидам поефикасна, но и да останам поврзана со себе и со луѓето околу мене.

2. Каков е вашиот лидерски стил?
Марија Томеска: Би го опишала како адаптивен и ориентиран кон поткрепување и охрабрување на другите. Се водам од идејата дека лидерството не значи контрола, туку создавање простор во кој другите можат да растат. Затоа практикувам колективно лидерство, стил кој значи да се знае и може кога треба да се води, а кога да се направи чекор назад за некој друг да истапи. Силно верувам во важноста на психолошка безбедност и создавање средина во која луѓето се чувствуваат слободни да размислуваат, да се обидуваат и дури и да грешат. Но, истовремено, таа безбедност мора да оди рака под рака со одговорност, личната и тимската. Секогаш ги третирам луѓето како да можат, затоа што кога веруваш во нечии капацитети, му даваш сила тие капацитети и да се манифестираат. Во поглед на адаптивноста како дел од мојот лидерски стил, би рекла дека е тоа во денешни услови неопходност. Лидерството не се сведува само на реакција, туку на способноста да се предвиди, да се еволуира и да се води тимот низ неизвесност. Тоа бара храброст, стабилност, но и постојана отвореност за учење и промена.

3. Како вашиот лидерски стил се менувал низ годините, како еволуирал, кое е вашето патување како лидер?
Марија Томеска: На почетокот од мојата кариера мојот стил беше далеку поконзервативен, базиран на command and control. Можеби тоа беше одраз на недоволно искуство и сигурност. Со текот на времето, сфатив дека вистинската сила лежи во градењето и охрабрувањето на членовите на тимот, а не во контролата. Со искуството, дојде и поголема толеранција, повеќе трпение и отварање на патот кој води до заеднички и подобри резултати. Да, вистина е дека човек сам може да стигне негде побрзо, но со добар тим може да стигнеме подалеку и да патуваме посигурно. Денес, многу повеќе внимавам на долгорочната одржливост на капацитетот на тимот отколку само на моменталната ефикасност. Мојата задача како лидер е не само да организирам како добро да ги испорачаме резултатите, туку и да изградиме меѓусебни линкови и капацитети кои ќе додаваат вредност и понатаму.

4. Како денес изгледа успехот за вас, и дали изгледот на успехот се менува за вас низ годините?
Марија Томеска: Да, дефинитивно. Порано успехот го мерев исклучиво преку бројки, резултати и исполнети цели. Денес, бројките секако се составен дел од успехот, но не се единствениот индикатор за успех. Сега го гледам успехот преку развојот на тимот, нивниот личен напредок, нивото на доверба кое сме го изградиле, секако преку задоволството на клиентите и на крајот мојот личен баланс низ целото тоа патување. Друга важна промена е мојот однос кон тензијата. Додека порано стремежот ми беше да ја минимизирам или избегнам тензијата и да се елиминираат конфликтите, денес гледам вредност во градење отпорност на тензија, или според убавиот англиски термин holding tension. Значи, гледам успех во создавањето средина каде што луѓето можат да работат ефективно и покрај неизвесноста, контрадикторностите или разликите. Во суштина, успех е да ја градиме издржливоста кон неизвесноста заедно.

5. Дали некогаш ве блокирал стравот од неуспех? Кога последен пат се соочивте со страв или несигурност и што ве придвижи напред?
Марија Томеска: Неуспехот за мене никогаш не бил табу тема. Напротив, го препознавам како можност која секогаш постои. Но тоа не ме блокира, туку ме мобилизира, ме поттикнува! Можноста за нешто да не успее ми помага да размислувам појасно, да планирам подобро, да предвидам повеќе сценарија и да бидам поподготвена. Не го игнорирам, туку го вклучувам како дел од процесот, затоа што кога свесно го прифаќаш како можност, можеш и подобро да го управуваш. На овој начин станува двигател, а не сопирачка.

6. Во свет кој често поставува повисоки стандарди за жените лидери, како вие гледате на родовата еднаквост во корпоративното водење? Дали во вашата кариера сте чувствувале разлика во третман или очекувања, дали сте почувствувале дека треба да се докажувате повеќе заради тоа што сте жена?
Марија Томеска: Реалноста е дека, особено на почетоците на мојата кариера, често сум ја чувствувала разликата во третман. Можам да кажам дека кон жената лидер почетната доверба често е помала и дека е потребно поголемо иницијално докажување. Едноставно, за жал не почнуваме од иста стартна позиција во перцепцијата на капацитетите и потенцијалот. Но, со текот на времето, кога веќе сте препознаени по вредностите и резултатите, работите се израмнуваат, таквите ситуации најчесто ги нема и веќе ве препознаваат по способноста.

7. Ако треба да одберете само една карактеристика што секој млад лидер мора да ја развие за да опстане во деловниот свет – која би била таа?
Марија Томеска: Скромноста.
Во свет кој е сè покомплексен и побрз, никој нема капацитет сам да ги разбере и реши сите предизвици. Затоа, скромноста, да се знае дека не знаеш сè, да се слуша повеќе отколку што се зборува и да се има храброст прво да се зафатиш со најтешките задачи е есенцијална за секој лидер кој сака да остане релевантен и ефективен. Скромноста во оваа смисла е темел за учење, раст и вистинска поврзаност со луѓето.

Интервјуто е објавено на: https://genderequalityalliance.org/en/leadership-insights-marija-tomeska/