Трета година по ред Еуролинк осигурување ја организира бесплатната пливачка школа за деца на возраст од 8 до 12 години. Поаѓајќи од минатогодишното позитивно искуство, каде што пливачката школа беше организирана во три града во Македонија, оваа година Еуролинк одлучи школата да ја реализира во следниве градови: Скопје, Струмица и Кавадарци, под раководство на тимот на проф. Наташа Мешковска.
Часовите ќе се реализираат по програмата преземена од УССВИМ (Американска програма за обука на деца непливачи), која гарантира дека за 8 до 10 часа секое дете ќе ги совлада основните техники по пливање. Оваа година школите се адаптирани и за деца со оштетен слух и вид, како и за деца со Даунов синдром.
Пријавувањето за летните пливачки школи ќе се одвива по следниот распоред:
- Скопје од 11.6.2018 до 17.6.2018 година,
- Струмица од 22.6.2018 до 29.6.2018 година,
- Кавадарци од 2.7.2018 до 8.7.2018 година.
Летните пливачки школи започнуваат од:
- Скопје – Спортски центар „Борис Трајковски“ – прв час на 20.6.2018, последен час на 29.6.2018, секој ден од 11:00 часот, за време на викендите часовите започнуваат од 14:00 до 15:00 часот;
- Струмица – „Базен Хотел Сириус“ – прв час на 2.7.2018, последен час на 9.7.2018, секој ден од 09:00 часот;
- Кавадарци – „Градски базен“ – прв час на 10.7.2018, последен час на 17.7.2018, секој ден од 10:00 часот.
Родителите може да ги пријават своите деца со испраќање порака на следната електронска адреса: plivajiuzivaj@eurolink.com.mk со испраќање на следниве генералии: име и презиме на детето, возраст, висина, тежина, име и презиме на родителот, контакт-телефон на родителот. Селекцијата на пријавените кандидати за Скопје, Струмица и за Кавадарци ќе се одржи на првиот час и ќе ја врши стручен тим под раководство на проф. Наташа Мешковска, кој ќе избере 50 деца за учество во пливачката школа во Скопје и по 40 деца за учество во пливачките школи во Струмица и во Кавадарци. Критериумот за селекција е секое пријавено дете да може да исплива 25 метри, со помош на пливачко помагало – пловка.
На избраните кандидати ќе им бидат обезбедени пешкири, капи и пливачки помагала. Останатиот дел од опремата, како костими за капење, очила за пливање и папучи, родителите ќе треба сами да го набават, задолжително во сина боја.
Летната пливачка школа на Еуролинк осигурување е активност во рамките на платформата за Корпоративно општествена одговорност: „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и на уметноста во Република Македонија.