Сигурната иднина се гради преку сигурни партнерства

СОС Детско село и Еуролинк осигурување повторно ги здружуваат силите во името на децата и го продолжуваат своето партнерство засновано на доверба, одговорност и заедничка мисија.
„Сигурната иднина се гради со сигурни партнери. Со Еуролинк осигурување не само што споделуваме заеднички вредности, туку и визија – визија за иднина во која секое дете ќе има шанса за исполнет и достоинствен живот. Им благодариме за довербата и за тоа што заедно го продолжуваме патот кон светла и сигурна иднина“ – изјави Силвија Брајовиќ, раководителка на фондот за собирање средства и комуникации.
Во изминатата година, преку ова партнерство, беа поддржани активности за едукативен развој и јакнење на комуникациските и социјални вештини на децата и младите. Продолжувањето на соработката ќе значи не само континуитет на поддршката за образованието, туку и обезбедување стабилна основа за постојан развој и надградба.
„Горди сме што веќе втора година сме дел од мисијата на СОС Детско село и што преку ова партнерство придонесуваме за создавање посигурна иднина за децата и младите. За сите вработени во Еуролинк осигурување ова не е само проект, туку искрена заложба и мотивација да продолжиме да дејствуваме од срце. Со голема радост влегуваме во уште една година заедничко партнерство, со уште поголема посветеност и верба дека секое дете заслужува поддршка, шанса и иднина исполнета со можности“ – изјави Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување.
Кога една компанија ќе одлучи да биде дел од детските животи, тоа не е само поддршка – тоа е порака дека никое дете не е само и дека иднината може да биде подобра, затоа веруваме дека и многу други ќе ја препознаат благородната мисија и ќе се приклучат на големото СОС семејство.