Традиционално шеста година по ред, со досега над 130 стипендирани студенти, Еуролинк осигурување распишува конкурсот за доделувањена 30 Еуролинк стипендии наменети за сите редовни студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при УКИМ, и тоа: 5 стипендии наменети за редовните студенти на додипломски студии (прв циклус) во поединечна вредност од 40.000,00 денари и 25 стипендии за студентите на постдипломски студии (втор циклус) во поединечна вредност од 60.000,00 денари. Вкупната вредност на стипендиите за прв и втор циклус изнесува 1.700.000,00 денари.
Право на аплицирање имаат сите редовни студенти кои се запишани на прв и на втор циклус студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при УКИМ и кои имаат редовен упис во учебната 2018/2019 година и кои исполнуваат услов за упис во учебната 2019/2020 година. За аплицирање за стипендијата потребно е студентите да ги исполнуваат следните услови: да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5, да не се корисници на друга стипендија, да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата, да достават потврда за редовен студент за учебната 2019/2020 година, пополнет пријавен лист за доделување стипендија (кој може да се преземе од интернет-страницата на Еуролинк осигурување), уверение од положени испити, куса биографија (пожелно да биде во ЕУ формат ) и есеј на тема „Улогата на студентите во општествените промени“, од најмногу 500 збора.
Пријавен лист за доделување стипендија
Еуролинк ги поканува студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при УКИМ да ги поднесат своите апликации за Еуролинк стипендија од денес, 23.5.2019, до 1.10.2019 година. За начинот на доставување на документите, потребните документи и апликацијата, студентите може да се информираат и да ги преземат од интернет-страницата на Еуролинк www.eurolink.com.mk. Кандидатите треба да ги достават документите во 5 примероци (1 оригинал и 4 копии на комплетот) во затворено плико на кое е назначено дека е апликација за Еуролинк стипендија, преку архивата на Факултетот во печатена форма до: проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски, Одбор за доделување „Еуролинк стипендија“, Правен факултет „Јустинијан Први“- Скопје при УКИМ, бул. „Гоце Делчев“ бр. 9Б, 1000 Скопје, во Архивата на факултетот и во електронска форма на електронската адреса: eurolinkstipendija@eurolink.com.mk. Пријавите кои немаат целосна документација и кои не се доставени навремено и на наведениот начин нема да се разгледуваат и оценуваат.
Еуролинк стипендиите се наменет за студентите да ги покријат трошоците за кофинансирање и како поттик за успешно завршување на нивните студии.
Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при УКИМ e активност во рамките на платформата за Корпоративно општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.
Контакт за медиуми: komunikacii@eurolink.com.mk