Оваа, за жал, сè уште пандемична година, почна прилично добро за Еуролинк – водечка пазарна позиција во неживотното осигурување после првите три месеци е добар сигнал дека компанијата е на вистинскиот пат кон прилагодувањето на новата нормалност што ја наметна корона-кризата. Разговаравме со претседателот на Управниот одбор на компанијата, г-ѓа Марија Томеска околу клучните фактори за овој резултат, како и за перспективите на целата осигурителна индустрија и самата компанија во амбиентот што го наметна кризата.
Капитал: Г-ѓа Томеска, Еуролинк го заврши првиот квартал годинава како водечка на пазарот за неживотно осигурување. На што се должи овој значаен успех во една пост – пандемична година, додека всушност последиците од корона – кризата се уште се чувствуваат?
М. Томеска: Првиот квартал од 2021 година го завршивме со пазарен удел од 14,67% и бруто полисирана премија од 333.590 илјади денари, што нè постави на врвот на индустријата. Се работи за извонреден резултат што е плод на долгогодишна посветеност и одговорност во работењето, и претставува големо признание за целиот наш тим. Еуролинк осигурување има стратегија на одржлив, умерен и стабилен раст на долг рок, па патот до првото место дојде постепено, после долги години цврста втора пазарна позиција. Во изминатата година се соочивме со нови предизвици кои побараа од нас флексибилност во секој поглед, додека клучно и неопходно за успех беше да се покаже стабилност и сигурност. Со одговорни одлуки и стратегија ориентирана кон најдобра услуга за клиентите, успеавме да останеме кохерентни како тим, да се посветиме целосно на поддршката на клиентите и да бидеме нивен стабилен партнер. За ова се заслужни сите 204 вработени во Еуролинк осигурување, кои го дадоа својот максимум и продолжија да бидат потпора за клиентите во извонредно тешки околности. Првата пазарна позиција во овој контекст е доказ дека граѓаните ја препознаваат оваа посветеност и ни ја доверуваат заштитата на работите кои им се највредни во животот.
Капитал: Како сте задоволна од поединечната застапеност на различните класи осигурување во вашето портфолио и какви се вашите очекувања за движење на осигурителниот пазар до крајот на годинава и генерално на кус и среден рок во корелација со општите економски трендови?
М. Томеска: Ние имаме постигнато оптимална дистрибуција на нашето портфолио со балансирана застапеност на секоја од класите. За разика од многу други осигурителни компании, Еуролинк осигурување има избалансирно портфолио и нашата политика не дозволува поголема изложеност кон некоја класа. Задолжителното осигурување од автоодговорност учествува со 30% во целото портфолио, додека кај незадолжителните класи осигурувањето од незгода е застапено со 17%, приватното здравствено осигурување е застапено со 11%, а имотното осигурување со 24%. Ваквата диверзификација ги намалува ризиците, нè прави поиздржливи во која било ситуација или криза и дава најдобра подлога за дедицирана услуга за сите потреби на нашите клиенти.
Од аспект на застапеност на пазарот, Еуролинк осигурување е лидер во приватно здравствено осигурување со 41% пазарен удел, во осигурување од незгода со 18% пазарен удел и во осигурување од одговорност со 25% пазарен удел на крајот на 2020 година. Во овие класи сме лидери повеќе години по ред и на долг рок целта е да ја задржиме оваа позиција. Имајќи предвид дека најголем удар во тек на 2020 година доживеа патничкото осигурување каде имаше пад и до 95%, во втората половина од 2021 година се очекува со враќањето на патувањата да се подобри продажбата и да си го подобриме уделот и во оваа класа. Сепак, враќање на преткризното ниво се очекува дури при крајот на 2022 година.
Во осигурителниот сектор на среден рок сè уште ќе се справуваме со отежната наплата и недостаток на доволно средства кај малите и средни претпријатија како последица на пандемијата со Ковид-19. Дури по подобрување на економските показатели, може да очекуваме раст кај незадолжителните класи кај индивидуалците, и раст кај класите на имотното осигурување и одговорноста кај деловните субјекти. Ова е од причина што во услови на економска криза, овие класи на осигурување не се сметаат за приоритет. Поголем раст на среден рок очекувам единствено во делот на приватното здравствено осигурување, особено кај колективното приватно здравствено осигурување, имајќи ја предвид зголемената свест за придобивките од ова осигурување и новововедените даночни олеснувања за компаниите.
Капитал: Колку ковид – кризата ги натера луѓето повеќе да се заинтересираат за дополнителното здравствено осигурување? Се забележува ли значителен пораст на побарувачката за овие полиси во Еуролинк?
М. Томеска: Еуролинк осигурување беше компанијата која во 2014 година за прв пат го воведе приватното здравствено осигурување на македонскиот осигурителен пазар. Нашата визија беше секој граѓанин да има опција за повисок стандард на здравствена услуги и за лесен пристап до приватните здравствени установи. Интересот за ова осигурување е во постојан раст, затоа што грижата за здравјето е секогаш приоритет. Верувам дека пандемијата го забрза тој процес кој секако постоеше, меѓутоа, заради финансискиот притисок што го носи кризата, реализацијата кај индивидуалните корисници и семејствата не е голема во овој период. Но, од друга страна, зголемен интерес и реализација има од компаниите кои се грижат за здравјето и добросостојбата на своите вработени, па во овој период вложија токму во приватно здравствено осигурување.
Со крајот на 2020 година, Еуролинк осигурување има 41% пазарен удел во оваа класа, така што остануваме да бидеме број еден избор за граѓаните, а стапката на раст во 2020 година изнесува 30% во споредба со 2019 година. Неодамна спроведовме и сопствено истражување помеѓу нашите осигуреници кои користат приватно здравствено осигурување. Иако имавме многу малку поплаки, ние ги земаме предвид буквално сите забелешки на нашите клиенти. Истражувањето покажа дека особено задоволни беа правните лица кои имаат вложено во колективно приватно здравствено осигурување за своите вработени. Нивните вработени го користат нашето приватно здравствено осигурување за себе и своите семејства и се многу задволни, а тоа за компаниите значи среќни, лојални и здрави вработени. Така што во следниот период можеме да очекуваме раст кај приватното здравствено осигурување заради добрата репутација и задоволство од начинот на кој го сервисираме овој продукт.
Капитал: Дали приватното здравствено осигурување ќе биде новиот бум во осигурителната индустрија допрва, како што тоа беше своевремено со животното осигурување? Какви се вашите прогнози?
М. Томеска: Да, може да се каже дека тоа веќе и се случува. Да се има добро здравје е предуслов за среќа, квалитетен живот, па и за успех на кое било поле, и затоа квалитетната здравствена заштита е прва на листата на приоритети. Младите здрави граѓани се сè посвесни дека во добро здравје се вложува додека тоа добро ве служи. Па оттука на долг рок очекувам уште поголем раст во бројот на млади индивидуалци и семејства, кои со квалитетна здравствена заштита вложуваат во подобра иднина за себе и своите семејства.
Имајќи предвид дека најголемото оптоварување со болести произлегува од хроничните незаразни болести, во класата на приватно здравствено осигурување следи фокус на превенција и стимулирање здрави навики, преку програми и производи кои ќе поттикнуваат здрави навики и промени во животниот стил. Тука би ги издвоила велнес и коучинг програмите, потоа користење нови технологии како на пример паметните фитнес алки, кои го следат здравјето и навиките и со тоа поттикнуваат свест и повеќе активност кај лицето што ја применува. Понатаму, сметам дека во рамки на приватното здравствено осигурување можеме да очекуваме воведување платформи базирани на телемедицина која на осигуреникот ќе му овозможи инстантна услуга и континуирано следење на неговата здравствена состојба. Тоа ќе се реализира преку креирање на еден цел еко систем на здравствени установи, доктори и аптеки кои ќе бидат поврзани и постојано достапни за клиентите кои имаат приватно здравствено. Ваквите платформи ќе можат да си ги дозволат само најдобрите осигурителни компании, што пак ќе поттикне модернизација во начинот на обезбедување здравствени услуги во целост и ќе го подобри здравјето на сите.
Можеме да очекуваме дека и кај самите работодавци, кои вложуваат во приватното здравствено осигурување за своите вработени, ќе се појават програми за наградување или поттикнување на здрави животни навики со што би се намалило користењето на лекување, а тие би имале поздрави, посреќни и продуктивни вработени.
Капитал: Во кои осигурителни класи гледате исто така потенцијал на македонскиот пазар? Познато е дека во делот на имотното осигурување, на пример, се’ уште има голем простор, односно голем број неосигурени станови и куќи… Какви се вашите планови и активности на ова поле?
М. Томеска: Да, кај имотното осигурување има голем потенцијал. Согласно податоците со кои располагаме, можеме да процениме дека само околу 20% од домовите имаат некакво осигурување на имотот. Останатите немаат никакво осигурување, иако податоците на национално ниво покажуваат дека во просек во тек на една година има над 10.000 тешки кражби, неколку стотици пожари годишно итн. Тоа се случки кои не можеме да ги предвидиме и ретко можеме да ги спречиме, па осигурувањето нуди финансиска сигурност во таков случај. Според нашите податоци за 2020 година, речиси секој петти наш осигуреник пријавил штета по основ на имотно осигурување и имал потреба да го искористи осигурувањето.
Домот е една од најголемите инвестиции што ја создаваме во животот, а осигурувањето ја заштитува и ни дава мир. Оттука, нашите активности се континуирано во правец на едукација на населението за придобивките од станбеното осигурување и начините на кои тоа го подобрува квалитетот на живот. Дополнително, преку поедноставена процедура и ексклузивни попусти кои веќе важат само во нашиот вебшоп, сакаме да ја доближиме онлајн продажбата на станбеното осигурување до граѓаните. Целта е што поголем дел граѓани да увидат колку станбеното осигурување е достапно и колку е лесно да си ги намалат грижите со осигуран дом. Во блиска иднина ќе работиме на креирање на модерна платформа која освен лесниот пристап до осигурувањето, на едноставен начин ќе ги задоволува и сите другите потреби врзани со домот и ќе обезбедува привилегии за нашите корисници.
Капитал: Кои се најзначајните промени што од аспект на дигитализација се случуваат во осигурителната индустрија и како е тука Еуролинк позиционирана? Што може да се очекува во делот на иновациите, новите продукти, канали за продажба и сл., во периодот што претстои?
М. Томеска: Продавањето осигурување онлајн, дигиталните полиси и првиот чекор во дигитализација на процесот за регистрација на возила се позначајните промени од аспект на дигитална трансформација во осигурителната индустрија. Сепак, како индустрија сме сè уште во рана фаза од достигнување корисничко искуство кое граѓаните го имаат при користење други услуги. Сметам дека кога е дигитализацијата во прашање, неопходно е да држиме поглед и чекор со другите индустрии, затоа што еден купувач, клиент или корисник на услуги го гради својот критериум и став собирајќи искуство од целата околина.
Конкретно за Еуролинк осигурување, иновациите се движечка сила и континуирано воведуваме новитети кои го обликуваат и дефинираат македонскиот осигурителен пазар. Ние сме всушност првата компанија која започна со продажба на осигурување онлајн, тоа беше за почеток патничкото осигурување уште во 2012 година, и навистина сум горда што денес речиси една третина од целокупната продажба во оваа класа се реализира преку овој канал. Исто така, први воведовме 24/7 контакт центар и сме првата осигурителна компанија која креираше мобилна апликација за осигурување. Потоа воведовме и електронска пријава на штети, електронско плаќање на рати и фактури, а последно во 2020 година ја пуштивме во употреба и првата онлајн филијала за осигурување.
Од аспект на она што следи, од Еуролинк осигурување може да се очекува збогатување на вебшопот со проширување на осигурителните продукти што можат да се купат онлајн. Понатаму, планираме повисок степен на дигитализација во процесот на процесирање штети, што ќе подразбира целосен безконтактен процес на пријава и решавање на штетите. Целта ќе биде клиентот да може целата работа да ја заврши преку својот мобилен телефон без физичко присуство. Клиентот на овој начин ќе може целосно и во секој момент да го прати процесот и да добива нотификации за статусот на пријавената штета, од пријава па сè до нејзино решавање и исплата. Ова ќе биде следниот голем исчекор напред за осигурителната индустрија кај нас.
Капитал: Што значи за компанијата влегувањето под капата на австриската групација Граве, дали се планира некакво ребрендирање и сл.?
М. Томеска: Вложивме многу труд и посветеност за да изградиме стабилна и силна осигурителна компанија која ќе понуди одржлив квалитет на пазарот за неживотно осигурување. Оттука, самиот интерес од реномираната групација ГРАВЕ за Еуролинк осигурување беше доказ дека сме успеале во тоа. Минатата година, непосредно пред почетокот на пандемијата и официјално станавме дел од групацијата ГРАВЕ од Грац, Австрија. Со ГРАВЕ споделуваме исти вредност и посветеност кон умерен и одржлив развој што носи стабилност на долг рок, така што оваа ускладеност во стратешкиот пристап е од огромна важност за брзо воспоставување синергија.
Еуролинк е силен и препознатлив бренд, кој има вложено многу во општеството и во развој на осигурителниот пазар и кој со влегувањето во групацијата ГРАВЕ е дополнително зајакнат. Остануваме да функционираме со нашето добро препознатливо име, а воведовме само промени во нашето лого во кое отсега стои назнака дека сме дел од групацијата ГРАВЕ. Од неодамна ја преселивме и нашата Централа во нови простории на ул. „Пиринска“ 23 во Дебар Маало, во зграда која е во сопственост на групацијата ГРАВЕ, со што сме поблиску до нашите сестрински компании и до групацијата од која сме дел.
Она што е најважно за нашите осигуреници и соработници е дека со станувањето дел од групацијата ГРАВЕ, зад себе имаме моќна осигурителна групација со повеќе од 190 години искуство и експертиза, што нè прави уште посилни и постабилни.
Капитал: Кажете ни нешто повеќе за достигнувањето што го направивте периодов – МБА дипломата на престижната IMD школа во Швајцарија. Што е најскапоценото што го добивте за време на таа програма, како таа ќе го подобри вашиот личен, но и професионален капацитет ?
М. Томеска: Executive MBA од IMD е една од најпрестижните и најпосакуваните магистерски програми во областа на менаџментот. Програмата беше интензивна, бараше огромна посветеност, жртва, откажување од многу нешта во тек на речиси две години, но исто така беше извонредна можност да се учи од најдобрите професионалци во секоја област и наученото веднаш да се примени во пракса. Се радувам што сум прв магистер од Македонија и што бев одбрана за валедикторијан, односно првенец на генерацијата, но уште повеќе што навистина успеав да ги осознаам најдобите светски менаџерски практики и да ги пренесам и применам во нашата компанија. Знаењето и искуството стекнати таму секојдневно се применуваат и споделуваат со моите колеги, со кои заедно ја креаираме нашата стратегија, растеме и се развиваме според највисоките стандарди за лидерство. Верувам дека знаењето и личниот напредок на секој член од тимот ќе направат значајна разлика за Еуролинк осигурување и нашите клиенти.
Капитал: Какви се вашите лични размислувања за тоа колку ковид – пандемијата ќе ги промени актуелните менаџмент парадигми? Што нема повеќе да биде исто во доменот на релациите менаџмент – вработени , кои вредности ќе се ценат повеќе сега?
М. Томеска: Вистина е дека во секоја криза лежи шанса за подобрување. Оваа криза ни помогна да ги увидиме сопствените јаки и слаби страни, да си ги тестираме границите на издржливост но и на лојалност. Сметам дека лојалноста на вработените е највредна, затоа што во целата таа непредвидливост лојалните вработени проектираа стабилност, па клиентите но и работодавците ова допрва ќе го наградуваат. Исто така, сметам дека пандемијата и барањето начини да се справиме со последиците, на многу од нас ни покажа дека вработените се нашиот извор на идеи и дека нивната проактивност, индивидуалност и вклученост во процесите е иднината. Пандемијата ни покажа и дека нови знаења и вештини се секогаш потребни, така што ќе се ценат сите оние кои се подготвени постојано да се преиспитуваат, да вложат во себе, во надградба и континуирано учење.
Линк до интервјуто во Капитал – kapital.mk/марија-томеска-одговорното-работење