Интервју на Марија Томеска, претседател на УО, за Македонско-турската стопанска комора (МАТТО)

Влијание на пандемијата во осигурителната индустрија.

Пандемијата и сведувањето на секојдневните деловни и приватни активности на минимум секако имаше огромно влијание и врз осигурителната индустрија. Негативното влијание сè уште се чувствува и очекуваме дека допрва кризата во секторот ќе се зголемува со пролонгирањето на пандемијата во втората половина на годината. Се соочивме со пад во продажбата, особено во одредени класи на осигурување, како што е патничкото осигурување и зелената карта каде се случи драстичен пад каков што не можеше да се предвиди. На светско ниво бевме сведоци дека и најголемите осигурителни компании се соочуваа со буквално истите проблеми и предизвици, а се подготвуваат за уште потешка втора половина од годината. Во овој контекст, Еуролинк осигурување не ги користеше владините мерки кои беа наменети за одржување на бизнисите и работните места. Во рамки на индустријата, Агенцијата за супервизија на осигурувањето донесе одредени времени мерки за олеснување на процедурите за резервација на старите побарувања, што привремено влијаеше позитивно на нашиот биланс на успех.

Активностите и мерките на Еуролинк осигурување.

Строго се придржувавме до мерките пропишани за спречување на ширењето на вирусот и целосно се организиравме за работа во две двонеделни смени и работа од дома. Имањето на план за континуитет во работењето ни помогна да воспоставиме брза и квалитетна внатрешна кризна комуникација и успешно да се реорганизираме во сите градови низ државата. Оспособувањето за работа од дома подразбираше значителна инвестиција во лаптоп компјутери и платформа за интерна онлајн комуникација. За многу кратко време постигнавме над 80% од вработените да бидат опремени и оспособени за работа од дома, а целта ни е да стигнеме до 100% оспособеност. Со ова го заштитивме здравјето на нашите вработени, нивните семејства и нашите клиенти, и создадовме услови во кои осигурителните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и компаниите без разлика на околностите. Ова беше прв приоритет за Еуролинк осигурување. 

Паралелно на внатрешната реорганизација, уште во првата недела од почетокот на кризата се фокусиравме и на нашите клиенти, преку сет мерки со кои се олесни обезбедувањето на задолжително и незадолжително осигурување. Мерките вклучуваа: одложено плаќање до 60 дена, продолжување на рокот на важност за необновени полиси во првичниот шок од пандемијата, електронска достава на полисите, а го поттикнувавме и електронското пријавување штети, електронско плаќање на рати и фактури. Најголема новина беше поставувањето на првата онлајн филијала за осигурување која овозможува одржување на видео состанок со нашите консултанти за осигурување, со што ги приближивме услугите и продуктите до граѓаните и компаниите во услови на пандемија, кога завршувањето на работите од дистанца стана неопходност.  

Придонес, следни планови и чекори.

И покрај падот во продажбата, Еуролинк осигурување ги задржа сите вработени, а исплатата на пријавените штети течеше со најголема експедитивност, што сметаме дека е голем придонес за стабилност и одржување на нормалност во овие екстремни околностите во кои се наоѓаме. Годината ја започнавме со преземање на првата пазарна позиција на крајот на првиот квартал што беше големо признание за Еуролинк осигурување, и доказ дека граѓаните и компаниите нè одбираат нас за свој партнер кога е во прашање нивната сигурност. Така што целиот тим максимално се залага за да обезбеди континуитет во користењето на осигурителни услуги и да ја оправда и задржи довербата на своите клиенти без разлика на околностите. 

Во контекст на мерките, би апелирале за чекори кои создаваат поволни услови за осигурителните компании да можат послесно да си ја вршат својата работа. Конкретно, сметаме дека е вистински момент државата да помогне во дигитализацијата на институциите надлежни за автоодговорноста, со што ќе се олесни онлајн регистрацијата на возилата и тоа ќе донесе долгорочни придобивки за сите чинители.

Во следниот период планираме да продолжиме со нашата дигитална трансформација, унапредување на услугите, воведување нови продукти и прилагодување на понудите за нашите клиенти, сè со цел осигурувањето да биде достапно кога е најпотребно.