Интервју со М-р Марија Томеска, Претседател на Управен одбор на Еуролинк Осигурување за економскиот магазин Економија и бизнис

ЗА ЗДРАВЈЕТО НЕМА КОМПРОМИС
Марија Томеска
Претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување

Во услови кога здравството во државниот сектор во земјава се соочува со сериозни предизвици, постојано расте интересот на семејствата и на компаниите за приватното здравствено осигурување. Ваквата ситуација отвора можности за целиот осигурителен сектор. Каква е Вашата оценка?

М. Томеска: Секако дека на сите нашето здравје и здравјето на нашето семејство ни е приоритет и кога станува збор за здравјето – тука нема компромис. Секогаш сакаме да ја добиеме најдобрата нега, најдоброто лекување во врвни установи и лекари по наш избор, без одлагање. Граѓаните сакаат флексибилност и можност да одберат каде ќе се лекуваат, во државен или приватен систем, најважно им е да имаат повеќе опции за лекување и слободно да изберат според своја преференција. Дополнително на компаниите им е важно вработените побрзо и поквалитетно да се лекуваат и да закрепнуваат. Затоа од разни причини многу граѓани сn4; повеќе користат и приватни здравствени услуги, а тоа чини пари. Со приватното здравствено осигурување имаме грижа помалку зашто осигурителната компанија го презема финансирањето во случај на лекување во која било приватна здравствена установа. Еуролинк осигурување е прва осигурителна компанија во Македонија која ја увиде потребата на граѓаните од флексибилност и покритие за приватно платените трошоци за лекување и го воведе приватното здравствено осигурување во 2012 година. Актуелните продукти за приватно здравствено осигурување се целосно прилагодени на потребите за лекување во приватни здравствени установи во Македонија и во Европа, како и на можностите на граѓаните и на компаниите, па приватното здравствено осигурување веќе ги надминува границите на „ексклузивитет“. Приватното здравствено осигурување досега во 2018 година, споредено со 2017 година, во Еуролинк забележува раст од 175 %. Растот се интензивира, а нашето учество на пазарот е повеќе од 60 %, што ни дава за право да кажеме дека времето на приватното здравствено осигурување доаѓа, граѓаните ја препознаваат вредноста на продуктот на Еуролинк осигурување.

Притоа кои се предизвиците на македонскиот пазар на осигурување за развој на приватното здравствено осигурување? Кои се сегментите на кои треба да се работи на пазарот за да се унапреди приватното здравствено осигурување?

М. Томеска: Најголем предизвик е да се прилагодат очекувањата за приватното здравствено осигурително покритие наспроти реалната финансиска моќ на граѓаните и на компаниите со цел помасовна дистрибуција. Здравството е сегмент кој секојдневно се усовршува и затоа медицинската инфлација е незапирлива, додека нашата куповна сила расте многу бавно. Ова е предизвик со кој треба да се справуваме преку континуирана адаптација на нашите продукти и сe помасовна дистрибуција за приватното здравствено осигурување да биде одржливо на долг рок. За да се оствари оваа цел потребна е поддршка и од приватните здравствени установи и од институциите. Во оваа насока треба да работиме на уште подобра комуникација и на електронско поврзување со приватните здравствени установи.
Дополнително, бидејќи приватното здравствено осигурување е комплементарно на државниот здравствен систем и може да ја поддржи неговата финансиска одржливост, потребна е промена на даночната регулатива за да се стимулираат и компаниите, а и граѓаните покрај државното да го користат и приватното здравствено осигурување.
Корисниците на приватното здравство во голема мера го растоваруваат јавното здравство затоа што не ги користат или помалку ги користат услугите во државните здравствени установи, а сепак придонесуваат кон Фондот за здравствено осигурување. Со тоа приватното здравствено осигурување нуди бенефит за сите – и за граѓаните, и за осигурителните компании, и за државава.
Приватното здравствено осигурување секако ќе се унапреди доколку граѓаните и компаниите даночно се стимулираат да купуваат приватно здравствено осигурување за себе и за своите вработени, односно доколку добијат даночни ослободувања слично по примерот на приватните пензиски фондови.


ИСКУСТВАТА ДОСЕГА ПОКАЖУВААТ ДЕКА КЛИЕНТИТЕ КОИ ГИ КОРИСТАТ УСЛУГИТЕ ОД ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ СЕ СРЕЌНИ СО СВОЈОТ ИЗБОР ОД ПОВЕЌЕ ПРИЧИНИ – ПОРАДИ ДИРЕКТНАТА ИСПЛАТА НА ТРОШОЦИТЕ КОН БОЛНИЦИТЕ, ПОРАДИ ТОА ШТО НЕ ИМ ТРЕБААТ УПАТИ И ДОЛГИ ПРОЦЕДУРИ, САМИТЕ БИРААТ ПРИВАТНА ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА, ГИ ПРАВАТ СИТЕ ПОТРЕБНИ И ПРЕПОРАЧАНИ ПРЕГЛЕДИ ЗА ДА ДОБИЈАТ ТОЧНА ДИЈАГНОЗА, ЗАШТО ОСИГУРУВАЊЕТО ГИ ПОКРИВА ТРОШОЦИТЕ 

Какви се искуствата на другите земји во однос на развојот и на користењето на приватното здравствено осигурување? Дали може нешто од тие искуства да се искористи и во нашава земја за подобрување на системската поставеност на оваа работа?

М. Томеска: Приватното здравствено осигурување се користи во речиси сите здравствени системи во светот, независно или во комбинација со државното здравствено осигурување. На пример, во САД не постои државен или социјален здравствен систем и сите услуги се обезбедуваат преку приватно здравствено осигурување. Во земјите од ЕУ и од регионот, приватното здравствено осигурување најчесто се користи паралелно со државното или пак е комплементарно и го надградува пакетот кој го обезбедува државата. Во најголем број од земјите овозможено е учество на приватното здравствено осигурување и во државните установи со цел обезбедување повисок стандард на услуга за клиентите кои го бараат тоа или за покривање на партиципацијата на осигуреникот определена со државниот здравствен систем. Во повеќе земји од ЕУ постои месечен лимит до кој купувачот на приватно здравствено осигурување (заедно со животно осигурување и трет пензиски столб) е ослободен од плаќање на персонален данок.
Би требало да ги користиме овие позитивни искуства, да се размисли за развој на дополнителната здравствена дејност, ревизија на пакетот на државните здравствени услуги и одредени сегменти од здравствените услуги да се препуштат на приватните осигурителни пакети. Со даночните стимулации и инволвирање на приватниот сектор, покрај другото и преку приватните продукти за здравствено осигурување, ќе добиеме поефикасно и поквалитетно здравство за сите граѓани.

Што покажуваат досегашните искуства на Еуролинк за приватното здравствено осигурување?

М. Томеска: Несомнено е дека кај граѓаните постои интерес за приватното здравствено осигурување и од ден на ден се зголемува. Посебно се чувствителни групите граѓани кои имале некое искуство со лекување и сами ги плаќале високите трошоци за приватно лекување во земјава или во странство, и токму кај тие групи постои повисоко ниво на свесност од потребата за приватно здравствено осигурување. Искуствата досега покажуваат дека клиентите кои ги користат услугите од приватното здравствено осигурување се среќни со својот избор од повеќе причини – поради директната исплата на трошоците кон болниците, поради тоа што не им требаат упати и долги процедури, самите бираат приватна здравствена установа, ги прават сите потребни и препорачани прегледи за да добијат точна дијагноза, зашто осигурувањето ги покрива трошоците.

Каква е понудата на Еуролинк во однос на приватното здравствено осигурување?

М. Томеска: Еуролинк осигурување на граѓаните им нуди повеќе типови приватно здравствено осигурување при што понудата главно се дели на колективно приватно здравствено осигурување, што е особено важно за компаниите и најпопуларниот продукт семејно приватно здравствено осигурување – продукт кој го одбираат семејствата во Македонија како сеопфатен и пристапен. Колективното здравствено осигурување може да биде со медицински покритија кои ќе се договорат заедно со компанијата според нејзините специфични потреби, додека пак семејното здравствено осигурување се нуди во три јасно дефинирани пакети. Со приватното здравствено осигурување на Еуролинк, клиентите добиваат најсовремено лекување во сите приватни здравствени установи по свој избор, без упати и без чекање, можат да одберат да ги користат сите општи и специјалистички прегледи, болничко и амбулантно лекување, лекување на малигни болести, превентивни прегледи, при што трошоците за болничко лекување, кои најчесто се и највисоки, Еуролинк ги исплаќа директно кон болницата. Медицинските услуги во некои од нашите пакети можат да се користат и во која било здравствена установа во Европа, по избор на клиентот. По барање на клиентите воведовме и дополнителен пакет кој опфаќа покривање на трошоци за породување, офталмолошко и стоматолошко лекување.

Приватното здравствено осигурување не е само предмет на интерес на поединецот или на семејствата. Тоа е и алатка што можат да ја користат современите компании за да ги мотивираат вработените.

М. Томеска: Приватното здравствено осигурување е наменето пред сe за млади и здрави лица, кои сeповеќе ги користат услугите во приватното здравство, па во согласност со тоа продуктите за приватно здравствено осигурување ги купуваат млади семејства, но претежно и компании кои го овозможуваат ова осигурување како посебен бенефит за своите вработени. Од она што го гледаме речиси сите современи компании со над 50 вработени, посебно ИТ-компаниите, го купуваат приватното здравствено осигурување за своите вработени и го користат како компетитивна предност за да ги задржат и да ги мотивираат. Од друга страна, вработените се презадоволни што нивниот работодавач се грижи за нив и навистина го користат приватното здравствено осигурување за да го подобрат своето здравје. Ги прилагодуваме нашите понуди за приватно здравствено осигурување токму според потребите на компаниите и креираме специјални понуди и услови за нив. Дефинитивно со приватното здравствено осигурување компаниите имаат бенефит зашто имаат мотивациска алатка и задоволни вработени кои се згрижени во случај кога е најпотребно со врвна нега. Лекувањето во приватна здравствена установа често значи и побрзо завршување на работите без редици и без чекање, односно помалку отсуства на работа, а лекувањето, евентуалните операции и прегледи ги плаќа осигурителната компанија, односно Еуролинк.

Очекувате ли приватното здравствено осигурување да биде една од активностите на Еуролинк осигурување со можеби најголем раст во годините што доаѓаат?

М. Томеска: Приватното здравствено осигурување засега е главен двигател на растот во нашето портфолио. Силно веруваме дека овој вид осигурување е на самите почетоци и ќе расте и ќе се развива уште повеќе во иднина. Очекувањата се дека сe поголем број семејства, но и компании ќе ја препознаат додадената вредност која приватното здравствено осигурување ја нуди. Со тоа ќе се овозможи сe поголем број граѓани да го искористат приватното здравствено осигурување и да ги почувствуваат неговите бенефити преку сопствено искуство, што директно ќе влијае на зголемување на свесноста за потребите од ваквиот тип осигурување. Иако општо свесноста за потребата од кој било тип незадолжително осигурување во Македонија не е на посакуваното ниво, сметаме дека од причина што за здравјето на нашите најблиски не правиме компромиси, овој тип осигурување ќе наиде на уште поголем интерес и прифатеност. Веќе имаме многубројни задоволни корисници на продуктите кои ги создадовме и веруваме дека во целост ги пресретнуваат потребите на граѓаните за врвно лекување и здравствена грижа, па затоа очекуваме троцифрените стапки на раст да продолжат и во наредниве пет години.

Како ја оценувате оваа бизнис-година? Какви се проекциите на Еуролинк осигурување за нареднава година?

М. Томеска: Оваа бизнис-година, иако се одвива во услови на многу пошироки ограничувачки фактори, за Еуролинк осигурување ќе биде исклучително успешна и проследена со двоцифрени стапки на раст. Резултатите од минатата година ја зацврстија втората позиција на Еуролинк осигурување на осигурителниот пазар во Македонија, а трендот на двоцифрен раст продолжува и оваа година. Она што ни е особено драго е што најмногу растеме во незадолжителните осигурителни класи, посебно во здравствено осигурување и осигурување на имоти. 
Генерално на осигурителниот пазар во Македонија сe уште има простор за раст, особено во незадолжителните класи на осигурување зашто, на пример, сe уште многу мал број домаќинства ги осигуруваат своите имоти и домови, а бизнисите осигурувањето го гледаат како трошок и преферираат да го минимизираат покритието доколку воопшто го имаат.
Особено ни е драго што Еуролинк осигурување, преку своите продукти Семејно приватно здравствено осигурување и Колективно приватно здравствено осигурување, значително придонесува во развој на пазарот за осигурување. Она што се очекува за нареднава година, но и на среден рок на осигурителниот пазар секако е раст во незадолжителните класи на осигурување и тоа на осигурувањето на имот, приватното здравствено осигурување и посебно осигурувањето од професионална одговорност, имајќи го предвид сe поголемиот интерес и поголемата едукација на граѓаните за потребата од осигурување. Дополнително, во поглед на дистрибуцијата на осигурувањето, очекуваме зголемено користење на можностите за купување и за плаќање на осигурување онлајн и преку нашата мобилна апликација.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски
интервју за Економија и бизнис