Осигурителната индустрија ќе се насочи кон постпандемиска трансформација и раст – м-р Марија Томеска, претседател на УО, за Економија и Бизнис

Покрај опстојувањето на несигурноста поврзана со пандемијата, новите варијанти на ковид-19 и инфлацијата, во 2022 година се очекува забрзаното закрепнување на светската економија да продолжи и да се постигне висок глобален раст над нормалниот. Побарувачката полека ќе се враќа на нормално ниво, а понудата ќе се подобри со што ќе се надмине нарушувањето во синџирот на снабдување што до сега влијаеше негативно на растот. Ваквите глобални економски прилики ќе имаат позитивно влијание на македонската економија и домашниот осигурителен пазар поради што очекувам целосно закрепнување во текот на 2022 година и враќање и надминување на резултатите постигнати во преткризната 2019 година. Осигурителната индустрија ќе се насочи кон постпандемиска трансформација и раст така што очекувам годината да биде одбележана со зголемено вложување во кадарот и скок во примена на нови технологии, односно рационализација на процесите преку автоматизација со цел да се подобри корисничкото искуство на осигурениците. Во услови на закрепнување, осигурителните потреби на граѓаните ќе се менуваат брзо поради што ќе бидеме насочени кон адаптирање на услугите и развивање нови производи.

Во продолжение линк до објавата во Економија и Бизнис.