Во саботата, на 22.9.2018 година, се одржа еднодневната екскурзија со посета на Лесновскиот манастир, како дел од програмата „Мапа на културата“, организирана од Еуролинк осигурување.
150-те учесници ги дочека недопрената природа во селото Лесново, чувствувајќи како времето тука да застанало. Посетата на Лесново започна од манастирскиот комплекс, кој го носи името „Свети Архангел Михаил“. Манастирскиот комплекс се состои од манастир што е посветен на свети Гаврил Лесновски и црква што е посветена на свети Архангел Михаил. Во големиот двор на комплексот расте црница во форма на крст, стара околу 600 години. Плодовите од ова дрво се необично големи, вкусни и црни, според преданијата на монасите има само три такви дрвја на Балканот. Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврило Лесновски. Според преданијата од монасите, се верува дека е изграден во 11 век, а во црквата се влегува преку дводелен отвор. Во нејзината внатрешност со својата уникатност пленат иконостасот и богатите фрески. Тука се наоѓаат портретите на основачот, деспотот Јован Оливер, и на неговата жена Марија, портрети на српскиот цар Душан и на царицата Јелена, архангелот Михаил и свештеникот Гаврил. Групата ја продолжи прошетката кон селото Лесново, каде што тишината, спокојот и недопрената природа се надополнуваат со напуштените стари селски куќи. На крајот од посетата учесниците во оваа Мапа на културата се вратија побогати за едно искуство, за откривање уште една скриена убавина.
Активноста „Мапа на културата“ за запознавање на вистинските културни вредности е дел од платформата за Kорпоративно општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“.