Што очекувате од 2024 година?
„Светските економски движења во 2024 година ќе зависат најмногу од инфлацијата и од геополитичките настани. Големо влијание ќе има и неопходноста за насочување кон проекти што ќе обезбедат намалување на емисијата на штетни гасови и ќе овозможат достапна енергија за сите.
На домашен план, иако очекуваме економска средина со високи каматни стапки и висок трошок на капиталот да преовладува и во 2024 година, реализацијата на поголеми инфраструктурни проекти треба да придонесе кон минимален, но стабилен раст на домашната економија, дополнително поттикнат и од домашната побарувачка.
Ова позитивно ќе влијае и на осигурителниот сектор. Во осигурителниот сектор очекуваме промена во Законот за осигурување и негово усогласување со законодавството на ЕУ.
Оваа промена сигурно ќе биде еден од поголемите предизвици за индустријата и ќе бара посветеност, знаење и ресурси за брзо усогласување.
Поради интензивирањето на природните катастрофи и високите трошоци на капиталот, очекувано е дека трошоците за реосигурување ќе продолжат да растат и во 2024 година.
Ова ќе изврши притисок врз осигурителните компании да ја подобрат профитабилноста преку зголемување на продуктивноста и преку оптимизација на процесите со употреба на технологија.
Од аспект на продуктите може да се очекува тренд на раст во интересот за имотното осигурување за правните лица поради притисокот за подобро планирање при непредвидени настани и подобра подготвеност за справување со финансиските последици во криза.“
Изјавата е достапна во јануарското печатено издание на Економија и бизнис и во електронскотот издание на овој линк.