Интервју со Академијата за графички дизајн на Brainster

интервју академијата дизајн brainster 5

Еуролинк осигурување како еден од новите learning partner-и на Академијата за графички дизајн на Brainster се одлучи креативното решение на новиот продукт за осигурување велосипедисти и велосипеди да го креира токму со новата група студенти од оваа академија.

Сите студенти дадоа интересни, свежи решенија, но решението на студентките Ана, Дијана и Ива, креирано под менторство на Дијана Димитриевска, се одвои и беше прогласено за најуспешно. Решението беше претставено минатата недела заедно со новиот иновативен продукт на компанијата.

Во продолжение следува интервју со Ана, Дијана и Ива од Академијата за графички дизајн на Brainster за тоа како дојдоа до решението..

Креативното решение на Ана, Дијана и Ива

За решението

Ваша задача беше да дадете решение за еден нов интересен осигурителен продукт на нашиот пазар  – осигурување за велосипедисти и велосипеди. Дали беше јасна задачата, дали беше лесно или потешко да се работи на нов продукт?

– Да се дојде до решение со кое би биле задоволни ние, менторот, клиентот, а и сите останати е вистински предизвик. Особено кога учиш и се развиваш во сосема нов правец. Задачата беше јасна од почеток, а продуктот, иако нов, е многу интересен и нуди многу можност за креативност. Возењето велосипед е доста актуелно во последно време, но сепак, тоа што ваков продукт не постоел на пазарот кај нас до сега, ни остави простор да размислуваме “поотворено” и послободно.

Мора да напоменеме дека Дијана, како ментор, имаше склопено совршен пристап и начин како да дојдеме до финално решение.

Решението што го понудивте е модерно, свежо, минималистичко. Како дојдовте до решение? Дали тргнавте и во друг правец?

Низ процесот на учење и на патот кон дизајн светот, градиш одреден стил. Ние сфативме дека дефинитивно за нас тоа е минимализмот. Кај нас важи првилото “less is more”. Првичната идеја ни беше иста – делови од велосипед меѓутоа претставени преку фотографии.

При скицирање на самиот дизајн првенствено во глава го имавме проблемот со кражбата на велосипеди и можноста која се нуди за каско осигурување. Затоа се насочивме кон дизајн во кој би биле прикажани делови од велосипед кои висат.

Делови од велосипед кои висат како дел од финалното решение

Имавме неколку обиди со фотографии, но сфативме дека сепак преку илустрација на подобар и поинтересен начин би ја претставиле идејата што ја имаме.

„Сврти на сигурно“ е слоганот за продуктот. Како го „најдовте“ вистинскиот слоган? Имавте ли и други фаворити?

После неколку методи, brainstorming и креативни процеси низ кои нѐ водеше менторот Дијана, имавме селекција на неколку слогани, но во заедничкото работење сфативме дека „Сврти на сигурно” најмногу ја објаснува идејата која ја имаме. Важно ни беше да смислиме слоган, со кој би го „објасниле” производот, кој би бил краток, би можел лесно да се запамти и препознае, а сепак јасно би ја пренел пораката на кампањата.

За предизвиците

Што беше најголем предизвик за вас во оваа задача?

Работата на реален проект додека сè уште учиш е секако, сама по себе, голем предизвик. Во овој случај се работи за сериозна компанија, со веќе препознатлив стил на дизајнерски решенија. Предизвик беше да понудиме решение, кое ќе се разликува од досегашните, а сепак да биде прифатливо и да привлече внимание.

Дали возите велосипеди и дали би се осигурале? Дали сметате дека луѓето кои секојдневно користат точак за рекреација или транспорт ќе ја препознаат нашата заедничка порака?

За жал, кај нас сè уште не е развиена сообраќајна култура во која велосипедистите се рамноправни во сообраќајот, нема доволно велосипедски патеки, а кражбата на велосипеди е уште еден секојдневен проблем. Поради сето ова, беше неопходно пораката да биде јасна, но и доволно catchy за секој да сака да ги прочита деталите.

За крај, да, сите три возиме велосипеди и кога веќе постои можност, секако дека ќе свртиме на сигурно 😊

Ви благодариме за вложениот труд. Ви посакуваме на сите три многу успех во образованието и понатаму во работата. Еуролинк осигурување во знак на благодарност за вашето решение кое му даде лик и форма на овој нов продукт ви обезбеди тригодишни полиси за вас, кои ќе ве штитат без разлика дали имате свој велосипед или не. Свртете на сигурно!