Книга на плажа: Топ 10 бестселер книги за на плажа за ова лето

Иако звучи како клише, во време во кое сите живееме брзо и имаме густ распоред на секојдневни активности, се бориме да ги исполниме целите и да ги „фатиме“ роковите, летниот одмор веројатно остана една од ретките прилики во кои можеме целосно да се посветиме на убавиот пишан збор.

Одморот значи генерирање на позитивна енергија и собирање сила за новите предизвици, а читањето книги е храна за свеста и душата. Ако решите да одвоите неколку часа од вашиот одмор за да го нахраните духот со убав пишан збор, подготвивме 10 предлози за кои сметаме дека се полн погодок – книги кои се меѓу најпродаваните во нашите книжарници годинава.

1. „Денот на црвот“ од Симона Јованоска

Добитникот на наградата „Роман на годината“ 2021 на Фондацијата „Славко Јаневски“ е роман кој изненадува како ниеден до сега. Навидум личи на басна во која го пратиме животот на Црвот и Чавката, но од страница во страница се соочуваме со реалноста дека тоа сме сите ние. 

Приказната на спомнатите два лика, понатаму низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род и од нашето време. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Со ненаметлив хумор, доза на сарказам и многу итрина и интелигенција, Јовановска креаира ликови кои со нејзиниот неспорен талент за раскажување нѐ носи во светот на борбата за слобода.

2. „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг

Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, Уметноста на создавање спомени ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност.

3. „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска

Преку мајсторското прикажување на многу комплексни меѓучовечки односи – семејни, пријателски и професионални – авторката гради слика на македонското совремие, истовремено прикажувајќи како општеството со своите наметнати патријархални, но и политички и социо-економски матрици, се отсликува во најинтимните јадра на човековите релации. Составено од седум раскази, ова дело на Румена Бужаровска претставува остар и реалистичен, но истовремено суптилен и често трогателен приказ на современата македонска реалност.

4. „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис

Осумгодишното сираче Бет Хармон е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на „Отвореното првенство на САД“. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. Роман на којшто е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“.

5. „Столб што пее“ од Томислав Османли

„Столб што пее“ е роман со сложен хронотоп и наратив. Неговото дејство е трансисториско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе ни ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со оптимистичка порака; преку Малоазиската војна 1919-1922, која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна, па сѐ до нашево совремие, до оваа трауматична 2022 година и новото опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани војни.

6. „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон

Каква е природата на просторот и времето? Кое е нашето место во универзумот? Кое е местото на универзумот во нас? Ова е најдобриот водич во потрагата по одговорите на овие прашања што го зашеметуваат умот, напишан од познатиот астрофизичар и популарен автор Нил Деграс Тајсон.

Но, современиот човек речиси и да нема време да размислува за вселената. Затоа, Тајсон пишува на оваа тема со разбирлив и лесно читлив стил, правејќи ги и најсложените вселенски концепти достапни за ние што немаат време.

7. „Мала книга за хиге“ од Мајк Викинг

За Данска често се вели дека е најсреќната земја во светот. А тоа се сведува на една работа – хиге.

Кога ќе го почувствуваш она што се нарекува хиге, едноставно го знаеш тоа. Тоа е она кога си стуткан на каучот со саканата личност или кога јадеш заедно со најблиските пријатели. Тоа се оние јасни сини утра кога светлината што ти влегува низ прозорецот е токму онаа вистинската.

8. „Торонто експрес“ од Зоран Спасов Ѕоф

Најновата книга на Зоран Спасов-Ѕоф е документаристичка стрип-проза; еден вид фото-нарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус; „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Ова е приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, штосна, документарна и есеизирана; приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот, среден свет каде што објективно тоа не е предвидено.

9. „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук

„Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и Цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук.

10. „Десетте најдобри раскази на светот“ – Група Автори

Група македонски авторки и автори го одбираат својот омилен расказ од светските писатели и го образложуваат на свој начин. Десет авторки и автори имаат тешка задача: од морето на илијадници раскази да го одберат својот омилен, но по критериум?! Векови творештво, милиони страници испишани на неброени јазици, а сепак успеваат да го одберат својот!