Што не смеете да заборавите кога тргнувате на летување

Поаѓањето на одмор често знае да предизвика стрес, а самата подготовка најчесто ни ја исцрпува и последната капка енергија. Дури и личностите кои се познати по студиозно планирање, често успеваат да заборават да ги понесат нештата кои им се важни. Токму затоа, ви подготвивме краток, но практичен список на нешта т.е. мини check-листа која се надеваме дека ќе ви ја олесни подготовката и ќе ги смири грижите дека можеби нешто ќе заборавите.

Документи

Покрај личните документи за идентификација (пасош, лична карта), секогаш е практично да понесете и копија од истите. Не заборавајте во смартфонот да зачувате телефонски број наменет за итни случаи, а доколку патувате надвор од земјата, не заборавајте на време пред поаѓањето да обезбедите патничко осигурување и зелен картон. Доколку е потребно, понесете ја и вашата здравствена книшка, како и список со лекови кои ви се препишани од вашиот доктор.

Платежните картички и готовината се веројатно меѓу нештата кои е најмалку веројатно да ги заборавите, но добро е да бидат дел од оваа check листа.

Техника

Покрај смартфонот, без кој ретко поаѓаме и во соседната соба, не заборавајте да понесете полнач и слушалки. Пред поаѓање, осигурајте се дека последната сметка за вашите мобилни линии е платена, а услугата роаминг е достапна во земјата во која патувате.

Секогаш е згодно доколку можете да понесете и Bluetooth звучник (или друг музички уред), фотоапарат, како и адаптер или батерии за истите.

Аксесоари

Бидејќи очилата за сонце се веројатно веќе на вашата глава, не заборавајте да понесете футрола и доколку ви се потребни очила за читање (или леќи и течност за леќи). Проверете дали сте спакувале и ремен, дали го носите вашиот часовник, а во зависност од дестинацијата, одберете кој накит да го понесете, а кој да го оставите дома.

Козметика и лекови

Истражувањата покажуваат дека предметот кој најчесто се заборава пред патување е четкичката за заби. Иако во многу хотели и сместувачки капацитети следуваат како дел од аранжманот, за да се чувствувате како дома, понесете ја вашата омилена паста за заби, конец, течност за плакнење, дезодоранс, парфем, сапун, крема за сончање, млеко за тело, пена за бричење, влажни марамчиња, памук, средство за дезинфекција, средство против инсекти, „грицкалка“ за нокти, стапчиња за уши и фен за сушење на коса.

Не заборавајте да понесете и основни лекови како таблети за главоболка, витамини, таблети против дијареа, пробиотик, а доколку сте во можност и сет за прва помош.

Облека

Секој патува на различна дестинација и му е потребен различен вид на облека, но за да се избегне веројатноста нешто да се заборави, најдобро е при планирање и пакување да размислувате на следниот начин: поминете го систематски секој тип на облека, почнувајќи од обувки за нозете, преку долна облека, па горен и долен дел од облеката, а на крај спакувајте ја облеката за спиење, за на плажа и капата или шеширот за на глава.

За крај (и за почеток на одморот)

Кога сте сигурни дека спакувавте сè што е неопходно за одморот да помине без пречки, размислете што сакате да понесете за разонода: книги, таблет или лаптоп, топка, чадор, лежалки, останата опрема за на плажа и т.н.

Одморот нека биде одмор!