Квартал одбележан со новитети и зајакнување на брендот – м-р Марија Томеска за МАТТО билтен

Четвртиот квартал од 2020 година за Еуролинк осигурување беше во знакот на засилени деловни активности и новитети воведени со цел подобрување на условите за нашите клиенти.

Септември беше месец во кој се реализираше комплексна активност на ребрендирање кое следува по промената на сопственичката структура и станувањето дел од групацијата ГРАВЕ од Грац, Австрија, што се заврши како процес на 31.03.2020 година. Во рамки на ребрендирањето беше промовирано ново лого, кое од тој момент покрај силниот и препознатлив бренд на Еуролинк осигурување доби и јасна припадноста на големо семејство на групацијата ГРАВЕ. Следеше и засилена комуникација со јавноста со цел да се претстави новиот сопственик, како и плановите на менаџментот за иднината. Станувањето дел од групацијата ГРАВЕ, која се одликува со осигурителна експертиза, стабилност и традиција долга повеќе од 192 години, е секако во линија на зајакнување на нашата позиција и стабилност на осигурителниот пазар за доброто на сите наши клиенти. 

Во октомври беа промовирани нови покритија за патничкото осигурување, со кое понудивме единствено комплетно решение на пазарот за сите граѓани кои патуваат надвор од границите на земјата во услови на пандемија со Ковид-19. Имено, се работи за проширено покритие за патничко осигурување кое отсега покрива трошоци за лекување од Ковид-19 во итен случај и дополнително покритие на сите патни трошоци за непланирано враќање во земјата поради лекување од Ковид-19 во итен случај. Патните трошоци за превоз ќе бидат покриени за осигуреникот, членовите на потесното семејство и возилото со кое патувале доколку заради лекувањето враќање со возилото не е возможно.

Ноември беше месец за промоција на нов продукт – осигурување за велосипеди и велосипедисти, единствено решение кое нуди осигурување на велосипедистите од незгода и одговорност кон трети лица, но и каско осигурување кое покрива кражба на велосипедот во која било ситуација. Кога го развиваме продуктот ги погледнавме статистичките податоци околу кражбата кои беа поразителни и покажаа дека речиси секој втор велосипедист има изгубено точак заради кражба. Затоа понудивме целосно решение, на ниво на решенијата кои се достапни во сите европски земји, со што носиме нов квалитет за сите вљубеници во велосипедизмот. Веста за ваквата новина беше одлично дочекана од јавноста, а особено од сите кои активно возат велосипед и се свесни за потребата од квалитетно покритие при незгода или кражба, а се надеваме и дека ќе поттикне уште поактивно користење на велосипед како превозно средство, особено во градските средини.

Годината ја завршивме со одбележување на 18 години од постоењето на компанијата. По повод годишницата, доделивме 18 тригодишни полиси за осигурување на велоспедисти со пакет БАЈК на 18 наши следбеници на социјалните медиум и активни велосипедисти. 

Во текот на целиот квартал имавме неколку акции во рамки на кои понудивме одлични услови за осигурување на домот, приватно семејно здравствено осигурување и каско осигурување. Спроведовме и истражување помеѓу нашите клиенти кои се корисници на приватно здравствено осигурување, со кое сме пазарен лидер со околу 46% пазарен удел, и податоците покажаа највисоко задоволство од покритието на продуктот и од услугата на Еуролинк. Особено беа задоволни компаниите кои како мотивациска алатка имаа обезбедено пакет за колективно приватно здравствено осигурување за своите вработени. Резултатите од ова истражување беа потврда за квалитетот на нашето приватното здравствено осигурување, кое останува да биде прв избор на најголем број граѓани, а наша цел е следната година да ја задржиме довербата на клиентите и да го зголемиме бројот на граѓани кои ќе обезбедат најдобра заштита за здравјето на своите семејства преку Еуролинк осигурување.